Како да пронајдете скапоцени метали дома

Нашиот модерен свет зависи од природните ресурси извлечени од земјата, но можно е да постои и друг извор на ретки и вредни метали – како што е самото чистење на нашите куќи.

Со оглед на тоа што многумина од нас сега се заглавени во своите домови за време на пандемијата, долго-одложуваните домашни обврски како што се расчистувањето на подрумот или таванот може да изгледаат како добар начин за да се разбие монотонијата. Сега е најверојатно најдобриот момент за конечно правилно да ја сортирате фиоката со електронско „ѓубре“ во кујната или да го средите преполниот шкаф во резервната просторија. Меѓутоа, ако ви треба малку дополнителна мотивација за ваквото чистење, знајте дека таму веројатно ве чека и скриено богатство.

Вредни метали и минерали седат заробени во старите производи што ги собираме во затскриените фиоки или шкафови. Тоа се истите, многу потребни природни ресурси со кои работи нашиот модерен свет. Колективно, нашите домови и дворови се „урбански рудник“ исполнет со овие основни материјали што само чекаат да бидат пронајдени.

Низ светот, има милиони, ако не и милијарди, неискористени електронски уреди расфрлани по нашите домови – стари мобилни телефони, запоставени конзоли за игри, антички стерео системи, застарена компјутерска опрема, расипани печатачи итн. Сите тие содржат бакар, сребро, злато и други вредни елементи од висока реткост.

Клучот, сепак, е да се натераат луѓето да се ослободат од нивните стари уреди на начин што би овозможил овие метали да се извлечат, рециклираат и повторно да се користат.

Но, пред да започнете со вашиот личен лов на богатство, кратко известување: некои локални власти моментално бараат од луѓето да не создаваат повеќе ѓубре во време кога услугите за собирање отпад се оптоварени. Така што, гледајте го ова повеќе како можност уредно да го сортирате вашето складиште, за подоцна да го рециклирате.

Меѓутоа, штом излеземе од пандемиската криза, некои веруваат дека можеме да го искористиме ова огромно складиште на метали за да го префрлиме вниманието од ископување суровини од земјата на копање низ „урбаниот рудник“. Со извлекување на материјалите скриени во нашите стари уреди, можеби ќе биде можно да се рециклираат и повторно да се користат во нови уреди без да мора повторно да се копаат нови.

„Како што рециклирањето станува поефикасно и поевтино, а потрошувачите стануваат поинформирани како правилно да се ослободат од електронскиот отпад, така „урбаното ископување“ станува се поодржлива опција“, вели Џејмс Хорн, проект менаџер на WEEE Forum.

За да се добие осет што сé може да се постигне, можеме да ги погледнеме медалите за Олимписките Игри во Токио, кои се одржаа во летото 2021 година. Помеѓу април 2017 и март 2019 година, металите од шест милиони мобилни телефони и речиси 72,000 тони отпадна електроника беа извадени од уреди донирани од луѓе ширум Јапонија за да се направат околу 5,000 златни, сребрени и бронзени медали.

Урбаното рударство на овој начин има потенцијал да ни помогне да изградиме поодржлива иднина, истовремено намалувајќи ја нашата потреба од метали ископани во рудници кои се половина свет подалеку од нас.

Веќе со децении, ние брзо ги исцрпуваме ограничените ресурси на нашата планета преку ископување суровини, прекумерна потрошувачка и фрлање на нашите производи во депонии. Според некои проценки, ако сите 7.9 милијарди луѓе на Земјата консумираат исто ниво на материјали како Европејците, ќе ни бидат потребни 2.8 планети како Земјата. Ако сите би го прифатиле животниот стил од САД, за тоа ќе се потребни 5 планети како Земјата.

Откопувањето на сите овие суровини има тешки последици по животната средина. Индустриите за екстракција на метали се одговорни за околу 40% од емисиите на јаглерод во светот и околу 10% од загубата на биолошката разновидност, според извештајот за Глобални Ресурси на Обединетите Нации. Во текот на последните 50 години, екстракцијата на материјали е зголемена за три пати. Многу ресурси сега се потешко се најдуваат, поскапи се, а еколошките трошоци за екстракција се сè поголеми.

Хорн вели дека урбаното рударство не само што вклучува електрични уреди, туку и било кои други предмети или материјали што се наоѓаат во магацини, продавници, бизниси, домови, кои се неискористливи или веќе не наоѓаат никаква примена.

Значи, дали навистина веќе извлековме сè што ни треба? И дали има доволно во „урбаниот рудник“ за традиционалното рударство да стане непотребно?

Е-отпадот (или „WEEE“, што значи отпад од електрична и електронска опрема) е од најголем интерес, бидејќи старите телефони, лаптопи, кујнски производи, телевизори и други уреди кои ги имаме наоколу ги содржат благородните метали (злато, сребро, паладиум и бакар) кои ни требаат за да направиме нови електронски уреди.

На глобално ниво, светот произведува дури 50 милиони тони е-отпад годишно – што е еквивалент на 6,000 Ајфелови Кули – и тој расте за 3-4% годишно. Во 2016 година, Азија создала најголемо количество е-отпад – 18.2 милиони тони, додека Америка генерира 11.3 милиони тони, Африка 2.2 милиони тони, а Океанија 0.7 милиони тони. Иако е најмала во однос на вкупниот е-отпад, Океанија всушност е најголемиот генератор на е-отпад по жител, исфрлајќи 17.3 килограми по лице, во споредба со Африка – 1.6 килограми е-отпад по лице.

Европа е втор најголем производител на е-отпад во светот, фрлајќи околу 12.3 милиони тони електронска опрема и батерии годишно. Внатре во овој отпад се скриени 330,000 тони бакар и 31 тон злато. И бидејќи постарата опрема обично содржи повеќе од овие метали отколку поновите уреди, ако го вратиме сето ова, би било повеќе од доволно за производството на 14.3 милиони тони нова електронска опрема и батерии што Европејците ги купуваат годишно. Се проценува дека за производство на нова опрема за Европа за цела една година ќе бидат потребни 2.9 милиони тони пластика, 270,000 тони бакар, 3,500 тони кобалт и 26 тони злато.

Тоа ја зголемува привлечната перспектива за едноставно повторна употреба на материјалите што веќе се ископани, наместо да ја ограбуваме Земјата уште повеќе.

Меѓу оние кои се надеваат да го реализираат ова е Јумикор, поранешна рударска компанија во Белгија, која се трансформираше во една од најголемите светски компании за рециклирање во обид да влезе на пазарот за урбано рударство. Нејзиниот главен фокус се батериите – вклучувајќи ги и оние од електричните возила – првенствено за да се извлечат бакар, никел, кобалт и литиум. „Металите можат бесконечно да се рециклираат без да ги загубат своите својства“, вели портпаролот на Јумикор, Марџолејн Ширс. „Тие потоа може да се продаваат или да се користат како материјали за нови батерии“, објаснува таа.

Јумикор јавно не споделува колку рециклира секоја година, но тврди дека поседува капацитет од 7,000 тони за рециклирање батерии, што е еднакво на 250 милиони батерии за мобилни телефони, два милиони батерии за електронски велосипеди или 35,000 батерии за електрични возила.

Еден метал кој моментално е многу баран е кобалтот – клучна компонента на литиум-јонските батерии за паметните телефони и електричните автомобили. Цените на кобалтот пораснаа над 300% во периодот од 2016-2018 година. Сепак, над 60% од светската понуда на кобалт доаѓа од Демократска Република Конго, каде што е тесно поврзуван со детскиот труд и деградацијата на животната средина. Според тоа, рециклирањето на постоечките батерии би можело да игра суштинска улога во „изворот на одржлив кобалт“, вели Ширс.

Повратокот на сите преносливи уреди со дотраен животен век, собрани од граѓаните на ЕУ во изминатите 20 години, вели таа, „ќе генерира доволно кобалт за да се произведат најмалку 10 милиони електрични возила“.

Од еден тон батерии за мобилни телефони, Јумикор тврди дека може да извлече помеѓу 135 и 240 килограми кобалт, во зависност од генерацијата на телефонот – модерните паметни телефони имаат повеќе. Тие велат дека можат да повратат и 70 килограми бакар и 15 килограми литиум од истите мобилни телефони. Дури и откако ќе се извади батеријата, електрониката во телефонот може да обезбеди околу 1 килограм сребро и 235 грама злато по тон уреди. Ова е многу поволно споредено со примарното ископување, кое во просек изнесува само 100 грама сребро во секој тон ископана руда и 2-5 грама злато на тон руда.

Тоа го прави „урбаниот рудник“ многу побогат со материјали со висока вредност по тон отколку традиционалните рудници за метална руда. И, според Синтеф, норвешкиот истражувачки институт, урбаното рударство бара 17 пати помалку енергија за да се извлечат овие метали отколку што е потребно за да се добијат сирови материјали. Истражување кое ги испитуваше фрлените телевизори во Кина, исто така покажа дека може да се добијат големи количества злато и бакар за помал трошок одошто да се ископува металот од земја.

Тоа е теоријата. Меѓутоа, во пракса, „ние сме далечен, далечен пат од постигнување на ова“ вели Хорн за суровините од критично зачење. „Прво, не целиот е-отпад се рециклира. Во моментов, стапката е 35% во ЕУ. Второ, во моментов не се извлекуваат сите елементи… поради начинот на третирање. На пример, стапката на обновување на скапоцените метали содржани во е-отпадот рециклиран во Европа во 2014 година беше само 1%“.

ЕУ се надева дека ќе го зголеми ова, но очекува да достигне само 5% до 2020 година и 20% до 2030 година. „Дури и овие цели да се достигнати, ние сме уште далеку од задоволување на потребната побарувачка“, вели Хорн.

Другиот предизвик е како првенствено да се дојде до „рудата“ во урбаниот рудник. Мноштвото уреди, кабли, полначи и трансформатори кои го сочинуваат највредниот дел од урбаниот рудник не се само погодно натрупани на едно место, чекајќи копач. Наместо тоа, тие се широко дисперзирани, често скриени и тешко достапни. Извлекувањето на скапоцени материјали од нив е помал дел рударство, а поголем дел тешко, сложено хемиско инженерство, општествена работа и едукација.

„Во моментов една третина од е-отпадот во ЕУ се пријавува според одредената легислатива – како одделно собран и соодветно третиран“, објаснува Ана Марија Мартинез, експерт за производство и преработка на метал во Синтеф. „Останатиот е-отпад или се собира од нерегистрирани претпријатија и се третираат соодветно, се собира од нерегистрирани претпријатија и се третира несоодветно, па дури и незаконски се извезува во странство или се отстранува“. Свеста на потрошувачите, вели таа, е голема бариера. Ја собираме старата електроника, чекајќи го денот кој никогаш нема да дојде за да ни затреба повторно.

Истражување на домаќинства во Обединетото Кралство од страна на Кралското Здружение за Хемија откри дека повеќе од половината имале барем еден неискористен електронски уред во нивниот дом, а 45% имале до пет. Ако ова се протолкува сугестивно, доаѓаме до фактот дека би можело да има дури 40 милиони неискористени гаџети во домовите на луѓето. WEEE Forum проценува дека просечниот Европеец има 248 килограми електроника (и отпад и во употреба) дома, вклучувајќи 17 килограми батерии, вели Хорн.

Пунктовите за собирање на е-отпад се на широко достапни во ЕУ, на пример, преку улични апарати за рециклирање или враќање на отпадот на продавачите. „Сепак, ова не би било доволно за општеството да ги врати своите производи за рециклирање“, вели Мартинез. Во меѓувреме, САД немаат национален закон за управување со е-отпад, оставајќи го проблемот посебно на секоја од своите земји-членки. Само 25 семји-членки всушност имаат закони за електронски отпад, а Калифорнија стана првата што ги воведе во 2003 година.

За Јумикор, Ширс тврди дека ефикасното собирање на е-отпадот секогаш ќе биде од клучна важност.

„За преносливата електроника како што се мобилните телефони, огромното мнозинство останува во фиоки дома“, вели таа. „Предизвик е да се мотивираат луѓето да ги предадат на рециклирање. Нивното собирање е колективен предизвик“.

Сепак, постои уште еден начин да се намали екстракцијата на суровини: користење помалку работи како за почеток. Во таканаречената хиерархија на отпадот на „намалување, повторна употреба и рециклирање“, премногу лесно забораваме на првите две и се фокусираме на третото.

Со цел урбаното рударство некогаш да има шанса да го замени конвенционалното рударство, „праксата не треба да е само зголемено рециклирање“, вели Хорн. „Треба да има напредок во многу сродни области за да се овозможи суровините да се користат поефикасно и како дел од циркуларната економија. На пример, преку зголемување на животниот век на производот, менување на ставовите на потрошувачите кон сопственоста и потрошувачката, развој на пристапите за производство и малопродажба на артикли и обезбедување на олеснети начини за повторна употреба“.

Во меѓувреме, многу од расипаните уреди остануваат токму такви: фрлени. Тие завршуваат на депонии или во кутии во гаражи, визби и тавани.

„Цените на пазарот на примарни материјали [од примарното рударство] може да бидат многу евтини кога рудниците се наоѓаат во Африка или Кина“, вели Мартинез. Прашањето е дали сме задоволни со купување на евтини стоки кои доаѓаат со висока еколошка и човечка цена, или сме подготвени да го намалиме, реупотребиме и рециклираме она што веќе го имаме.

Можеби сега е совршено време да ја преиспитаме нашата врска со електричната стока, е-отпадот и „намалување, реупотребу и рециклажа“ во контекст на нашите домови. Има злато во вашите шкафови. Всушност, таму може да се најде вистинска периодична табела на елементи.

Повратокот на овие елементи може да биде една од најеколошките акции што можете да ги направите без да морате да го напуштите домот.

Извор: bbc.com