Хиперинфлација во Венецуела: плаќање со злато за храна и фризер

Локалната валута – боливарот, веќе е означена како безвредна поради хиперинфлацијата.

Клиент ги става своите златни струготини завиткани со банкнота од боливар на вага за да плати во аптека во Тумеремо, Венецуела / Фото: William Urdaneta – Bloomberg

За да ја сфатите големината на финансискиот колапс на Венецуела, отпатувајте југоисточно од Каракас, покрај нафтените полиња и преку реката Ориноко и упатете се длабоко во саваната што го покрива еден од најнедостапните делови на земјата.

Таму, во берберниците, рестораните и хотелите ќе забележите цени прикажани во грами злато.

Едно ноќевање во хотел? Тоа ќе биде половина грам. Ручек за двајца во кинески ресторан? Четвртина грам. Фризура? Една осмина од грамот, ќе ве молам. Хорхе Пена, 20-годишен жител на градот Тумеремо, пресметал дека осмина грам злато е всушност три мали златни струготини – еквивалент на 5 долари. Неговиот бербер, задоволен од пресметката на Пена, брзо ги ставил златните струготини в џеб. „Може да платите сè со злато“, вели Пена.

Во оваа глобална економија на 21-от век, каде технологијата е во преден план и сè се плаќа со еден допир, потрадиционален начин од овој не може да постои.

Хиперинфлација во Венецуела – Падот на боливарот

Поголемиот дел од светот го замени златото како средство за размена пред повеќе од еден век. Неговото повторно појавување во Венецуела денес е најекстремната манифестација на отфрлање на локалната валута, боливарот, што ја зафати земјата. Тој е речиси безвреден поради нивото на хиперинфлација во Венецуела. (Режимот на Николас Мадуро штотуку симна уште шест нули од него.)

На негово место, доларот стана де факто избор во Каракас и другите големи градови. По должината на западната граница со Колумбија, пезосот е доминантна валута. Се користи во повеќе од 90 проценти од трансакциите во најголемиот град во регионот, Сан Кристобал, според истражувачката фирма Ecoanalitica. Долу пак, на јужната граница со Бразил, реалот е најчесто валутата на избор. И еврото и криптовалутите имаат свое место во делови од земјата, исто така.

„Луѓето едноставно престанаа да имаат доверба во боливарот“, вели економистот Луис Висенте Леон, претседател на истражувачката фирма Datanalisis. „Тој веќе не ја исполнуваше својата функција како складиште на богатство или средство за сметководство и размена.“

Денес, само најсиромашните Венецуелци – оние на кои им недостига лесен пристап до долари или други валути – сè уште користат боливари. „Луѓето претпочитаат која било друга валута наместо боливарот“, вели Леон.

Во делови од југоисточна Венецуела, таа валута е златото.

Тамошниот регион, неверојатен свет на тапи планини и огромни водопади кои нуркаат во бујни долини, е преполн со благородниот метал. Искушението за богатство преку ноќ намами генерации аматерски рудари, вметнувајќи ги имињата на градовите во регионот – Ел Калао и Гуасипати – во венецуелскиот фолклор.

Областа денес е насилно, беззаконско место, преплавено од банди и герилци. Престрелките со војниците на Мадуро, кои контролираат многу од поважните рудници, се вообичаени. Но сепак, Венецуелците сè уште доаѓаат од сите страни, водени од недостатокот на постојана работа по децениската економска криза.

Нелегалните рудници обично им плаќаат на сезонските работници во грутки злато. Снабдувањето со злато е стабилно, а интернетот е толку лош што дигиталните трансакции се речиси невозможни. Тоа го прави златото најбезболна опција за локалното население.

Цените на производите во маркет во Тумеремо, Венецуела прикажани во грамови злато / Фото: William Urdaneta – Bloomberg

Луѓето користат рачни алатки за да ги скршат парчињата грутки и потоа ги носат со себе, често завиткани во банкноти од боливар – една од ретките преостанати употреби на валутата. Продавниците имаат мали ваги, но некои пазарџии и потрошувачи се чувствуваат толку удобно кога ракуваат со металот што од око ги проценуват струготините.

За неупатениот аутсајдер ова звучи диво.

Како може да се утврдат автентичноста и тежината на златото со еден обичен поглед од некој што не е обучен во областа на минералогијата? Меѓутоа, експертите за злато го поддржуваат она што го вели локалното население: „Со текот на времето едноставно добивате добро чувство за проценка.“

„Златото е елемент“, објаснува Хуан Карлос Артигас, шеф на истражувачкиот центар во Светскиот Совет за Злато во Њујорк. За разлика од дијамантите, кои е тешко да се проценат, златото „има природни карактеристики и специфични детали што можете да ги препознаете, особено кај помалите парчиња“.

Употребата на злато полека се шири и во околните градови, вклучувајќи го и Сиудад Боливар, главниот град на истомената покраина, сместен покрај бреговите на реката Ориноко. Рударите редовно патуваат таму за да ги продадат своите златни шипки кога сакаат да заработат, а продавниците во трговските центри ги менуваат за долари.

Но, во рударските градови како Тумеремо, нема потреба да се ракува со ништо друго освен злато.

Сопственикот на еден мал хотел во градот, Омар, вели дека му плаќа на својот персонал со злато, користејќи ги стругатините што му ги даваат клиентите. Тој за едно ноќевање наплаќа по половина грам злато.

Околу две третини од клиентите плаќаат со злато, проценува Омар. Тој, исто така, прима долари и други странски валути од клиентите кои немаат злато во нив. А што е со боливарите? Според законот, тој не може да каже не, па неволно ги зема, но потоа брзо ги разменува.

Извор: financialpost.com