Македонски богатства: Златниот рудник Алшар

Алшар, антички рудник сместен во срцето на Балканот, во јужниот дел на Македонија (во близина на грчката граница), ја стекна својата слава како прво пронаоѓалиште на минералот лорандит.


Но, малкумина знаат дека рудникот Алшар е богат и со многу други минерали и метали, особено злато.


Лорандитот е кристал на хемискиот елемент талиум, а во светот се стекнува исклучително ретко. Во најголемо изобилство го има во рудникот Алшар, каде е откриен во 1894 година, а името го добил по истакнатиот унгарски научник Лоранд Еотвос.


Во минатото, Османлиите го користеле рудникот Алшар како извор на злато. Се смета дека потенцијалот за злато кој се уште постои во овој рудник е проценет на 20 тони злато. После одредени истражувања, заклучено е дека рудникот го користеле и античките народи, уште 3,000 години пред нашата ера.

Во однос на лорандитот, светско внимание е насочено кон особините на овој редок минерал поради неговите карактеристични својства да го детектира неутриното. Оваа микроскопска честичка се уште не е дообјаснета, но научниците сметаат дека лорандитот може да биде одличен показател за тоа како настанал сончевиот систем и како сонцето ја црпи својата енергија.


Два огромни тунели кои се долги и до 6 километри се пристапни преку 8 влезови. Но, рудникот веќе со децении е вон употреба.


Истражувањата на врвни универзитети од Прага, Будимпешта и Виена, на почетокот на 20 век, покажуваат за значењата на минералите и металите кои овој рудник ги поседува.


Наводно, Југословенската и Македонската влада во 70тите години дискутирале дали рудникот да биде отворен за надворешни истражувачи. Оваа тема била начната откако Американската национална вселенска агенција (НАСА) пројавила интерес за истражување на лорандитот и талиумот, особено за вселенски летала и експерименти.


Во денешно време, рудникот е посетуван само од локалните мештани и некои „егзотични“ истражувачи. Тие се фасцинирани од убавините на регионот и мистериозноста на рудникот. Честопати влегуваат во него и си заминуваат со парче светликав минерал кои го пронашле во внатрешноста.

Но, заинтересираноста на многу светски научници за истражување на Алшар се уште постои. Хемиските и физичките перформанси на лорандитот овозможуваат да биде регистриран неутронскиот ефект кој го има сонцето. Само оваа супстанца ја поседува ваквата моќ и научниците тврдат дека тоа е од големо значење при истражување на настанот и работата на сонцето, па дури и за иднината на универзумот.


Доколку тајните на моќта на сонцето се одгатнат, научниците ќе бидат во можност да ја реплицираат неговата способност и да креираат минијатурни „сонца“. Така, енергијата која ја емитира сонцето, ќе може да се создава и на земјата, односно да се изградат неутрински централи кои нема да се радиоактивни и ќе произведуваат еколошки-чиста енергија.


Интересна е теоријата за тоа како се нашол лорандитот во толкаво изобилство на планината Кожуф. Некои претпоставуваат дека мал дел од сонцето паднал на ова место после негова ерупција пред околу една милијарда години.


Од 2008 до 2010 година траеше експериментот наречен Лорекс, во кој научници од сите поранешни републики на Југославија го истражуваа рудникот и потенцијалот на неутриното.


Поради реткоста, цената на овој минерал е прилично висока. За лабораториски цели, еден грам лорандит се проценува на 5 до 6 евра, а еден килограм на 5,000 до 6,000 евра. Би ве оставиле сами да ја процените севкупната вредност на лорандитот во Алшар, доколку претпоставиме дека проценките дека во рудникот има 500 тони резерви на минералот се точни.

Со право, домашните научници сметаат дека овој рудник треба да се стави под заштита од УНЕСКО. Исто така, тоа ќе го зголеми потенцијалот за научен туризам доколку регионот се развие во туристички комплекс. Постоењето на природни геотермални води во непосредна близина, уште повеќе ја зголемува вредноста на промовирање на рудникот. 


Ако зоната околу рудникот се дополни со угостителски објекти, а самиот рудник се реновира со нови тунели, модерно осветлување и соодветни сигурносни мерки, со правилен маркетинг може да се привлечат неколку илјади физичари, научници, и геолози годишно.


Пред неколку години, рудникот Алшар се запиша на листата составена од Советот на Европа наречена „мрежата Смарагд“ која има за цел да заштитува региони кои се од посебен интерес.


Во моментов, воспоставена е иницијата од македонската влада, рудникот да се заштити на државно ниво, со што ќе е потребно владино одобрение за било каква активност во Алшар. Моментално, не постојат рестрикции за посети на рудникот од било каков тип.


Народните преданија продолжуваат со нивните мистерии. Тие зборуваат за рид кој е во близина на рудникот каде што е опасно да одат животни и луѓе поради огромните изобилства на талиум во почвата. Овој хемиски елемент се смета како еден од најотровните по здравјето.


Автор: Дарко Крстески