Полска меѓу водечките држави по златни резерви
Во мај 2025 година, Народната банка на Полска (НБП) купи 200.000 унци злато – околу 6,2 метрички тони – со што Полска се позиционираше меѓу водечките централни банки кои активно акумулираат злато. До крајот на мај, НБП поседува над 16,57 милиони унци злато во вредност од речиси 205 милијарди злоти.
Во декември 2023 година, гувернерот на НБП, Адам Глапински, говореше за плановите поврзани со зголемување на златните резерви. „Интензивно купуваме злато“, изјави тој. „Целта ни е златото да достигне 20% од вкупните девизни резерви, затоа што времињата се турбулентни. Меѓународните агенции за рејтинг и светските трговски партнери обрнуваат внимание на тоа колку злато поседува една централна банка. Ако државата има значителни златни резерви, тоа значи дека е сигурна и стабилна – погодна за трговија и инвестиции.“
Полска ја исполни својата цел
До крајот на април 2025 година, гувернерот Глапински објави дека целта е постигната. „Со години најавувам дека Народната банка на Полска систематски ќе ги зголемува златните резерви. Денес можам гордо да кажам: го исполнивме ветувањето до полскиот народ. Полска денес има над 500 тони злато, со удел во резервите поголем од 20%“, напиша тој на платформата X.
Тој додаде: „Ова е резултат на добро осмислена, долгорочна стратегија која доследно ја спроведуваме за да ја зајакнеме финансиската безбедност на нашата земја и да обезбедиме стабилност за идните генерации. Златото е најбезбедната резерва. Тоа не е директно поврзано со економските политики на одредена држава, отпорно е на кризи и ја задржува својата реална вредност на долг рок. Тоа е симбол на стабилност кој ја зголемува нашата доверба кај инвеститорите и странските партнери.“
Со над 500 тони злато, централната банка на Полска ја надмина Европската централна банка (506,5 тони) и моментално се наоѓа на 12-то место во светот по златни резерви меѓу централните банки. Последниве години, Полска е еден од најактивните купувачи на злато на глобално ниво. Од почетокот на 2018 година, НБП има купено вкупно 412,5 тони злато, од кои 89,5 тони во 2024 и 67,2 тони во првите пет месеци од 2025 година.
Централните банки се трета најголема категорија на побарувачи на злато, после секторот за накит и инвестициското злато, и сочинуваат околу 23% од глобалната потрошувачка. Тие обично реагираат на цените – купуваат кога цената опаѓа и ја намалуваат побарувачката кога цените растат. Според податоците на Светскиот совет за злато (WGC), централните банки пријавиле нето-зголемување од 44 тони во своите златни резерви во јануари и февруари 2025 година, при што Полска и Кина биле најголемите купувачи.
Извори: www.nbp.pl www.money.pl www.reuters.com